ЗА НАШАТА МАЈЧЕ НЕМА КОПИЈА, КАЖАА ПЕЈАЧИТЕ ЗА ЕСМА РЕЏЕПОВА НА КОНЦЕРТОТ ВО НЕЈЗИНА ЧЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Есма немаше мандат, народот ја избра со срцето засекогаш“, рече водителот Рамуш Муарем-Цирко сношти во киното Фросина во Скопје, на концертот наречен „Во спомен на Есма за незаборав“.

Концертот кој го организираа хуманитарната организација „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ и продукцијата „БТР“ беше по повод 80 години од раѓањето на кралицата на ромската и македонската народна песна, еден од нашите најголеми светски културни амбасадори.

Една од пејачките на концертот, Харија Бислим, има само 13 години, истите години на кои Есма почнала да пее, криејќи од родителите дека оди на натпреварот „Микрофонот е ваш“, на кој потоа и победила. Со чистиот вокал и богатата интерпретација, младата Харија потсетува на Есма, но за неа нема копија и замена, како што рече водителот на настанот. Настапи и дедо ѝ на најмладата пејачка, Рамадан Бислим-Рамко, познат пејач на ромската музика, а ја испеа песната која Есма со мерак ја пееше, „Свадба македонска“, и ја разнежи, но и разигра публиката.

„За нашата мајче нема замена, нема копија, таа е една и единствена. Заслужила и многу повеќе од ова“, кажаа повеќето од пејачите пред своите настапи.

Настапи и фолк-пејачката Сузана Гавазова, која рече дека Есма ѝ била идол, а Анета Љумаковска при крајот на концертот ја испеа една од најзначајните песни на Есма на македонски, „Чекај животе“. Во придружба на оркестарот „Титаник“, пееја и Ервин Аметовски и Бернат Демирали.

Анета Љумаковска испеа една од најзначајните песни на Есма на македонски, „Чекај животе“ (Фото: К. Попов)

Во шестминутен документарец се прикажа мал дел од богатиот живот на Есма. Во својата поема „Кралицата од Маџир Маало“, Реџепова убаво ја опиша новинарката Валентина Ѓоргиевска.

„Кој тебе бар еднаш не те нарекол мајка, тој тебе не те ни знаел. Некој чинам ти рече: ‘Не остави свои деца’. Ти врати: ‘Мене песните ми се тоа‘“, кажа Ѓоргиевска.

На крајот од концертот, сите пејачи заедно ја испеаја „Чаје шукарије“. Заедно со сите учесници, за време на целиот концерт, учествуваа членови на ансамблот „Студио фолклор“, облечени во стилот на Есма.

„Доста веќе муабети дали нешто поскапело, доста ни се грижи. Со песна заборавивме сѐ. Нашата Есма заслужила ова да го правиме секоја година за неа“, рече пејачот Рамадан Бислим-Рамко на крајот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ