Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија по 27. пат се отвори во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Признанието „Васил Иљоски“ за особен придонес во комедиографијата оваа година го доби актерот Сашко Коцев, кој кариерата ја започна на сцената на Кумановскиот театар.
„За театар се потребни двајца, едниот да игра на сцената, а другиот да гледа, тоа е публиката. Никогаш не би можеле да постоиме без вас. После ова, најбитно е човек да не се конзервира, после ова за мене е уште потешко, одговорноста и очекувањата се уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката“, кажа Коцев откако ја прими наградата.
Фестивалот го отвори претставата на Велешкиот театар „Вечера за глупаци“, а вечерва ќе се игра претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар од Охрид. Потоа следуваат „Фустан за бегство“ на Драматичен куклен театар од Враца (Бугарија), „Автопат Сагбама“ на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање (Србија), „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ на Тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ на Куклен театар од Плевен (Бугарија), „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар од Штип и „Кокошки“ на Народно позориште од Ниш.
Надвор од програмата ќе се играат две претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово, кој традиционално го затвора фестивалот.
С. НИКОЛИЌ
Фото: Центар за култура