НАЈАВЕНА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА ВО МАКЕДОНИЈА, 14 ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ ГО ИМААТ НАПРАВЕНО ТОА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Премиерот Зоран Заев најави дека 2021 ќе биде година во која ќе се дебатира за декриминализација на марихуаната во Македонија, што би можело да води и кон нејзина целосна легализација.

Признавајќи дека не е во ред да се оди во затвор за многу мала количина марихуана, Заев ја истакна медицинската и економската вредност на оваа билка и најави измени на Законот за контрола на опојни дроги, како вовед во евентуална декриминализација.

„Ако го направиме тоа до крајот на 2020, следната година очекуваме приход од над 250 милиони евра од производството на канабис за медицински цели. Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лекување со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и неказнување за мали количини канабис за лична употреба“, изјави Заев.

Тој кажа дека за целосна легализација на марихуаната ќе се дебатира до крајот на јуни, по што процесот ќе се префрли во Собранието.

Уругвај и Канада засега се единствените држави кои целосно ја легализираа марихуаната, и за медицинска и за рекреативна употреба, додека Нов Зеланд тесно го одби ова на референдум оваа година. Таа е легализирана и во 15 американски сојузни држави и декриминализирана во уште 16.

Во Европа, марихуаната е целосно или делумно декриминализирана во Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Естонија, Италија, Луксембург, Малта, Молдавија, Холандија, Португалија, Словенија, Шпанија и Швајцарија.

Г. КОНЕВ