ЗАЕВ НАЈАВИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ОТКАКО МАКЕДОНИЈА НЕ ДОБИ ДАТУМ ЗА ПРИСТАПНИ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Премиерот Зоран Заев најави предвремени парламентарни избори, ден откако Македонија не доби датум за почеток на пристапни преговори со Европската Унија. Тој рече дека ова ќе го предложи на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.

„Лут сум и разочаран и знам дека и целиот народ се чувствува така. Ги завршивме сите наши обврски, но ЕУ не го испорача тоа што го вети, но порачувам: европскиот сон на македонскиот народ нема да биде урнат“, кажа Заев во првото јавно обраќање по вчерашното недобивање датум.

Тој предложи изборите да се одржат во најбрз можен рок, но точниот термин ќе се утврди по консултациите со коалициските партнери и опозицијата.

Следниот самит на Европската Унија ќе се одржи во мај во Загреб, кога Македонија ќе се надева на нова шанса за добивање датум.

„Размислував и за оставка, но по преспиена ноќ заклучив дека немам право да се откажам од довербата на граѓаните. Тие нека решат на предвремени избори по кој пат ќе одиме“, рече Заев.