ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА УЛТИМА ТУЛЕ, СВЕТ ОДДАЛЕЧЕН 6,5 МИЛИЈАРДИ КИЛОМЕТРИ ОД ЗЕМЈАТА

Флорида, (Гардијан)

Сондата „Њу хорајзонс“ ја испрати првата почиста фотографија од карпата Ултима Туле, најоддалеченото вселенско тело на кое му се доближил објект направен од човекот.

Два дена откако го преживеа контактот со овој мал леден свет, „Њу хорајзонс“ покажа дека Ултима Туле изгледа како два споени објекти и наликува на недовршен снешко.

„Запознајте ја Ултима Туле! Како што можете да видите, таа најмногу наликува на снешко и е долга 33 километри. Иако имавме некои претпоставки, сега дефинитивно можеме да кажеме дека е црвена“, изјави Алан Стерн, главниот истражувач на мисијата.

Сондата оствари контакт со Ултима Туле на 6,5 милијарди километри од Земјата, на самиот раб на Сончевиот систем. Со тоа беше поставен нов рекорд во далечината на истражувањето на едно вселенско тело, четири години откако истата сонда помина покрај планетата Плутон, која е 1,5 милијарди километри поблиску.

Ултима Туле се наоѓа во појасот Кујпер, група џуџести планети и отпадоци, кои се остатоци од формирањето на Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години. „Њу хорајзонс“ најблиску ѝ се доближи на Ултима Туле на 3.500 километри и се очекува до следно вселенско тело да стигне во наредната деценија.