ЗАВРШИ МИСИЈАТА НА ПРВИОТ ХЕЛИКОПТЕР НА МАРС ОТКАКО БИЛ ОШТЕТЕН, ЗА ДВЕ ГОДИНИ ИМАШЕ 72 ЛЕТА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

„Инџинуити“, малиот хеликоптер на НАСА кој го изведе првиот лет на друга планета, претрпел оштетувања кои ја завршиле неговата мисија на Марс. НАСА кажа дека леталото извело итно слетување што ги оштетило неговите ротори.

„‘Инџинуити‘ беше мал хеликоптер што имаше многу повеќе летови отколку што беше предвидено. Тој го трасираше патот за идни летови во нашиот Сончев систем“, изјави директорот на НАСА, Бил Нелсон.

Хеликоптерот останал во исправена положба, но снимките покажале дека едно или две сечила на роторот се оштетени, поради што веќе не бил способен да лета. НАСА кажа дека околностите на инцидентот се истражуваат.

„Инџинуити“ пристигна на Марс во февруари 2021 заедно со роверот „Персеверанс“ и требаше да покаже дека летови во ултраретката атмосфера на „црвената планета“ се можни. Хеликоптерот го поддржуваше „Персеверанс“ при неговите истражувања на кратерот Језеро.

Пред да заврши неговата мисија, „Инџинуити“ изведе 72 лета, 14 пати повеќе од она што беше планирано.

(Фото: НАСА)