ЗДРАВКО ЧОЛИЌ ЗА МАЛКУ ЌЕ СТАНЕШЕ ШТИПСКИ ЗЕТ, КАЖА ЏАРО НА ШТИПСКАТА ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА ЗА НЕГО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во Домот на млади во Штип се одржа промоција на книгата за Велибор Џаровски, насловена „Џаро – живот на коцка“, напишана од неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска. На настанот чиј промотор беше штипскиот музичар Коки, Џаровски се присети на разни случувања во градот и на доживувања и пикантерии за познати и непознати имиња од светот на политиката, музиката, забавата и спортот.

Мојот најдобар пријател од естрадата Здравко Чолиќ беше лудо заљубен во едно штипско девојче и постојано ме прашуваше кога ќе имаме концерт во Штип. За малку Чола ќе станеше штипски зет. Но, неговата голема желба се сруши кога не издејствува да служи воен рок во Штип“, кажа Џаровски.

Тој зборуваше и за тоа како со негова дружина цел месец го чувале првиот премиер на Македонија, Никола Кљусев, во разни скопски станови, затоа што тогашните македонски разузнавачи сметале дека би можел да биде цел на атентат.

Џаро се потсети и на естрадната ѕвезда Лепа Брена, која за првиот концерт во Штип слетала со хеликоптер на Градскиот стадион, на кој, пак, правел доста фудбалски местенки.

Кажа дека и на првото издание на Макфест имало местенка, кога со помош на фудбалската навивачка група од Штип, што тој ја ангажирал, обезбедиле 150 карти за да победи неговата опција, Хелена Благне од Словенија.

Т. ЈОВАНОВСКИ