Со 16 штандови полни со зелници и со десет натпреварувачки во брзо сукање зелник, во Пробиштип по 10. пат се одржа манифестацијата „Зелникот на баба“.
На градскиот плоштад во ова рударско гратче присутните можеа да ги пробаат зелниците приготвени од жените во Пробиштип, а додека траеше забавната програма со настап на естрадни уменици од Македонија, десет жени се натпреваруваа во брзо сукање зелник.
„Условот е натпреварувачките да исукаат по девет кори, а комисијата цени колку корите се тенки и колку поени носат“, кажаа од тричленото жири.
„Годинава, манифестацијата е јубилејна, десетта по ред. Повеќе градови во Македонија имаат питијади, пастрмалијади и слично, а ние во Пробиштип се одлучивме да посветиме внимание на еден стар македонски специјалитет, кој со векови се приготвува и мило ни е што само ние имаме една ваква манифестација“, вели градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.
Т. ЈОВАНОВСКИ
Фото: СДК.МК