Бившиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, денеска сведочеше на рочиштето за предметот на СЈО, Насилство во Општина Центар, а два часа претходно беше одложено рочиштето од судењето на Драган Павловиќ-Латас, обвинет за даночно затајување во предметот на СЈО, Тотал. Попладнето, министерот за правда Билен Саљији го презентираше Извештајот на работната група, која што утврдила дека во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд предмети се делеле рачно, место со Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС).
- Жерновски зборуваше за настаните од 7 и 10 јуни 2013 година, кога советниците дискутираа за деталните урбанистички планови, а не, како што вели, за уривањето на црквата во центар, што тогаш предизвика масовни, жестоки и насилни протести пред општината.
- Тој ја опиша ситуацијата во тие два дена како критична, бидејќи демонстрантите ја скршија оградата и влегоа во дворот, додавајќи дека тој и останатите советници се почувствувале загрозено и небезбедно.
- Жерновски одговараше само на прашањата на обвинителството, а потоа рочиштето беше прекинато поради обврски на еден од адвокатите.
- Судењето на Латас беше одложено, откако и тој, како и Никола Груевски, побара камери во судницата. На него му се суди во судница што нема услови за снимање, па судијата сега мора да најде термин во судница 1.
- Министерот за правда, Билен Саљији, денеска откри дека судските предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд се делеле рачно, а не преку системот за автоматска распределба (АКМИС). Според Саљији, за ова постои писмена одлука од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
- Вангеловски кажа дека в понеделник ќе одговори на обвинувањата од Саљији.