Жителите на Зимбабве се охрабрија и излегоа на улиците во голем број, повикувајќи го долгогодишниот претседател Роберт Мугабе да поднесе оставка, но среде најголемата политичка криза во државата во последните неколку децении, некои ги искористија протестите за да побараат заминување и на еден друг лидер.
Овој лидер нема врска со политика, туку станува збор за тренерот на Арсенал, Арсен Венгер, кој и оваа сезона бележи разочарувачки резултати во англиската Премиерлига и рано ја губи битката за титулата.
Кампањата „Оди си Венгер“ е сѐ посилна изминативе години и двајца навивачи на „топчиите“ му испратија порака од Зимбабве, истакнувајќи голем транспарент против францускиот тренер, среде големите политички промени низ коишто минува нивната земја.
Пораките против Венгер претходно се појавуваа и на други необични места, како концертот на „Колдплеј“ во Тајланд и пред папата Фрањо во Ватикан.