Возачите кои пресилно пуштаат музика, премногу стискаат на гас или ги вознемируваат граѓаните со прегласни мотори и ауспуси се предупредени од белгискиот град Гент дека би можеле да останат без своите автомобили и мотоцикли зашто ги прекршуваат ограничувањата за бучава.

Гент усвои нови регулативи што ѝ овозможуваат на полицијата да конфискува возила ако нивните возачи создаваат прекумерна бучава. Градските власти велат дека реагирале по бројните поплаки на граѓаните.

Возачите ќе останат без возилата на 72 часа и ќе ги платат трошоците за влечење и складирање. Законот стапи на сила минатиот месец и ќе важи до крајот на годината, кога ќе се направи проценка на неговата делотворност.

Светската здравствена организација вели дека звучното загадување предизвикува бројни здравствени проблеми. Околу 113 милиони луѓе во ЕУ се изложени на секојдневното звучно загадување од сообраќајот кој надминува 55 децибели, граница која според СЗО се смета за штетна.