Исхрана која се базира на малку јаглехидрати може да го намали очекуваниот животен век за четири години, покажа едно истражување.
Ваквите диети, од кои најпозната е Аткинсова, станаа многу популарни меѓу оние кои сакаат да ослабнат и покажаа добри резултати во намалувањето ризик од некои болести.
Но, американска студија која се спроведуваше во последните 25 години покажа дека умерено консумирање јаглехидрати или замена на месо со растителни протеини и масти е поздраво.
Студијата опфати 15.400 луѓе кои пополнувале прашалник со податоци што јадат и пијат, заедно со количините. Научниците потоа проценувале колку калории добивале од јаглехидрати, масти и протеини.
Тие заклучиле дека оние кои добиваат 50-55% од својата енергија од јаглехидрати се изложени на значително помал ризик од смрт.
Јаглехидрати вклучуваат зеленчук, овошје и шеќер, но главен извор е храната како компир, леб, ориз, макарони и житарки.
Истражувачите утврдиле дека луѓето со 50 и повеќе години кои нормално консумираат јаглехидрати се очекува да живеат уште 33 години, што е четири години повеќе од оние кои добиваат само 30% енергија од јаглехидрати.
Нивните заклучоци се совпаѓаат со претходните студии, кои вклучија 40.000 луѓе од 20 земји.