ДОДЕКА ФРАНЦИЈА ТРПИ ЗАГУБИ, БУГАРИЈА СТАНА ВОДЕЧКИ СВЕТСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛ НА МАСЛО ОД ЛАВАНДА

Софија, (Би-Би-Си)

Кога се зборува за лаванда, многумина прво помислуваат на живописните виолетови полиња на Прованса во Франција. Сепак, во изминатите години, Бугарија ја помина Франција како водечки светски производител на масло од лаванда.

Во срцето на Розова Долина јужно од Стара Планина, полињата околу малото село Тарничени стануваат виолетови на крајот на секоја пролет. За тоа време, производството на лаванда во Франција забележа огромни загуби во изминатата деценија како последица на бактериска инфекција.

„Некој мораше да ја пополни празнината“, вели Филип Лисичаров, сопственикот на дестилеријата за масло „Енио Бончев“ од Тарничени, додавајќи дека 99% од неговото масло оди за извоз.

Традицијата на одгледување лаванда во Бугарија датира од почетокот на 20. век.

„Бугарија и Франција и порано ги заменуваа местата, имајќи предвид дека Бугарија беше најголемиот производител и во 1970-1980-ите“, изјави Николај Валканов, извршен директор на непрофитната истражувачка група „ИнтелиАгро“.

Бугарија повторно ја презела круната во 2012 и нејзините плантажи за лаванда сега се простираат на 180 квадратни километри, откако пред една деценија биле само една петина од тоа.

„Евтина работна сила, добра клима и традиција во одгледувањето лаванда се главните предности на Бугарија. Сето ова го прави бугарското масло речиси двојно поевтино од француското“, додава Валканов.