Дури и една пијачка на ден е штетна за здравјето, заклучува досега најголемото и најдетаљно истражување за ефектите на алкохолот, при што владите се советуваат да им препорачуваат на луѓето целосно да апстинираат.
Студијата ја спровел универзитетот Вашингтон во Сиетл, при што се испитувани нивото на конзумирање алкохол и неговото влијание врз здравјето во 195 земји, во периодот од 1990 до 2016 година.
Според извештајот, алкохолот бил причината за 2,8 милиони смртни случаи во 2016 година.
Истражувачите признаваат дека умереното пиење, како една чаша вино на ден, може да биде добро за здравјето, во вид на заштита од срцеви болести, дијабетес и мозочен удар, но придобивките се надвладеани од штетните ефекти на алкохолот, како појава на рак или повреди.
Пиењето алкохол е важна причина за појава на рак кај лицата над 50 години, особено жени (27,1%, додека кај мажи изнесува 18,9%). Кај помладата популација, алкохолот на глобално ниво води кон туберкулоза (1,4% од смртните случаи), повреди во сообраќајни несреќи (1,2%) и самоповредување (1,1%).
Еден од тројца луѓе, односно 2,4 милијарди, пијат алкохол, покажа студијата. Една четвртина жени пијат, односно 39% мажи.
Данска има најмногу пијачи на светот: 95,3% од жените и 97,1% од мажите. Најмалку мажи пијат во Пакистан (0,8%), а жени во Бангладеш (0,3%). Мажите најмногу пијат во Романија (8,2 пијачки на ден), а жените во Украина (4,2).
„Во отсуство на политичка акција денес, алкохолот ќе има сериозни последици по здравјето во иднина. Конзумирањето алкохол само ќе се зголемува како што државите стануваат поразвиени“, вели еден од авторите на студијата, Емануела Гакиду.