Пишува: д-р Наум Трпеноски, специјалист по офталмохирургија во специјалната очна болница „Деница“
Пред да ставате капки и масти во окото потребно е да ги измиете рацете. Рацете треба да се измијат и по ставање на капки и масти во окото, за да не се пренесе инфекцијата на други лица и објекти.
Како се ставаат капки во окото
При ставање капки во окото треба да седите со главата зафрлена наназад или да легнете. Легнатата положба е поповолна кај деца, бидејќи кај нив обично главата треба да се задржи.
Долниот капак се оддалечува од окото со користење на памучни ролни и се капнува во средниот дел на окото по 1 до 2 капки, додека пациентот гледа нагоре. Повеќе капки од тоа не е потребно, затоа што тие не можат да се впијат во окото и се прелеваат. Капките се капнуваат во долниот агол на очните капаци, а не во окото. Се капнуваат од височина од 2 сантиметри, за да не се допре шишето на капаците. Ако шишето се допира со капакот, бактериите се пренесуваат на шишето и шишето не треба да се користи за очите на друг пациент. По капнување на неколку капки пациентот мора да ги држи очите затворени неколку минути, за да може лекот правилно да се распореди во окото, и за да се зачува, бидејќи со трепкањето лекот се отстранува со солзите. Вишокот капки се брише со чиста газа.
Најчеста грешка при употреба на капки за очи е тоа што ретко се ставаат. Треба барем 5 до 6 пати на ден да се ставаат капки, доколку поинаку не пропишал лекарот или офталмологот. Ова е важно, бидејќи солзите го мијат окото и по еден час или два во окото нема веќе лек.
Како се ставаат масти во окото
Масти се ставаат во долниот дел од окото, откако долниот очен капак ќе се оддалечи од окото. Доволно е да се стави мала количина на маст со големина на зрно од пченица од 1 до 1,5 сантиметри. Откако ќе се стави маст треба да се затворат очите и со нежна масажа на затворен капак, маста се распоредува низ окото. Вишокот маст во капакот се брише со помош на стапчиња со вата.
Маста делува околу 4 часа, па затоа не треба да се става толку често како капките.
Најчесто капки се даваат преку ден, а маст пред спиење.