21 ЕЈАКУЛАЦИЈА МЕСЕЧНО ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД РАК НА ПРОСТАТА

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Карциномот на простата е водечка причина за смрт кај мажите во светот, а во Македонија е на трето место, по карциномот на бели дробови и по карциномот на дебело црево. Д-р Сотир Ставридис, уролог од Клиниката за урологија, вели дека во последните десетина години расте бројот на заболени од рак на простата. Тој на предавањето на Медицинскиот факултет, организирано од Сојузот на студенти по медицина заедно со движењето Моември Македонија и Младинскиот совет при амбасадата на САД, по повод одбележување на месецот на машкото здравје рече дека „од рак на простата не се умира ако навреме се открие и ако пациентот соодветно се третира“.

„Ако во 2009 година на нашата клиника имаше по 20 случаи годишно каде на заболени со рак на простата им се правеа радикални операции, сега таа бројка е меѓу 80 и 100. Точна бројка за новооткриени случаи нема, но се смета дека инциденцата е меѓу 20 и 30 случаи на 100.000 жители. Според светската статистика Македонија не е меѓу земјите со висока инциденца, но загрижувачки е што половина од откриените умираат, бидејќи се доцна откриени.

Од рак на простата не се умира ако навреме се открие и ако пациентот соодветно се третира – д-р Сотир Ставридис, хирург од Клиниката за урологија во Скопје

Тој кажа дека за појавата на рак на простата влијаат повеќе фактори, меѓу кои возраста, гените, наследниот фактор, пушењето, исхраната и начинот на живот.

„Се смета дека ако мажот има повеќе од 21 ејакулација во текот на месецот се намалува можноста да заболи од рак на простата“, рече д-р Ставридис, повикувајќи се на истражување од американскиот универзитет Харвард.

Тој кажа дека учеството на рак на тестиси кај сите малигни заболувања во светот е помалку од еден отсто и дека како и во светот, така и кај нас оваа бројка е мала. Најчесто туморите на тестиси се малигни,  и најчесто се јавуваат на возраст од 15 до 30 години. „Мажите кои користат марихуана имаат 70 отсто поголеми шанси да заболат од карцином на тестиси“, рече д-р Ставридис.

Тој кажа дека иницијативата Мовембер, која се појавила во Австралија во 1999 година, освен со рак на простата и рак на тестиси се занимава и со психичкото здравје кај мажите, бидејќи во времето кога се појавила бил зголемен бројот на самоубиства кај мажите.

Моември во Македонија се одбележува од пред неколку години кога мажите пуштаат мустаци за да ја подигнат свеста за здравствените проблеми.

„Оваа иницијатива е добра за да се натераат мажите да се грижат за своето здравје и навреме да појдат на лекар. Самопрегледот е многу важен и може да помогне навреме да се открие болсета. Но и со тоа не треба да се претера оти може да се јави канцерофобија, голем дел од пациентите од страв дека ќе им биде откриен рак не одат на преглед. Треба да им се објасни дека навременото откривање на канцерот може да им го спаси животот“, рече д-р Ставридис.