НАРУШУВАЊЕТО НА СОНОТ СО ЧКРТАЊЕ СО ЗАБИ НЕ Е САМО РЕЗУЛТАТ НА СТРЕС

Лондон, (Мирор)

Бруксизмот или чкртањето со заби, од кое страда еден од тројца луѓе во светот, многу години се сметаше дека е предизвикано од анксиозност. Но, истражувањето покажува дека стресот не е најголемиот предизвикувач на оваа појава. Она што го поттикнува чкртањето со заби е, всушност, неправилното дишење.

Според забниот експерт д-р Стивен Лин, во ситуации кога мозокот помислува дека грлото се затвора, што е опасно, бидејќи се затвораат и воздушните канали, тој автоматски дава одбранбен сигнал за отворање на вилицата, што прави забите цврсто да се притиснат. Притоа, ако имате мала вилица или во детството сте имале пренатрупаност на забите, тогаш сте поподложни на оваа појава.

Бруксизмот е само еден од многуте симптоми на нарушеноста на сонот, позната како „синдром на отпор на горните воздушни канали“, хронична состојба која обично вклучува зашеметеност и замор. Во најсериозните случаи, може да ги оштети срцето и белите дробови.

Првиот добар чекор против чкртањето со заби е исправната исхрана и Лин посоветува да се јадат свежи моркови и целер, за да се зацрврстат недоволно развиените вилици. Пеењето, исто така, помага, како и свирењето дувачки инструмент.