НОРВЕЖАНИТЕ ГИ ИСМЕВАА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ АВТОМОБИЛИ, А ДЕНЕС МАСОВНО ГИ КУПУВААТ, ВО ТОА ПОМОГНА И ГРУПАТА „А-ХА“

Осло, (Гардијан)

Во светот во кој сообраќајот придонесува со 20% во емисиите на јаглероден диоксид, Норвешка стана лидер во бројот на електрични автомобили. Во 2023, 82,4% од новокупените автомобили биле електрични, во јануари оваа бројка била 92,1%, а целта е следната година да се стигне до 100%.

Сѐ започна во 1989 кога архитектот и професор Харалд Нилс Рествик и тројца негови еколошки освестени пријатели го увезле првиот електричен автомобил во земјата. Батеријата на оваа „фиат панда“ се полнела неколку дена, а со едно полнење можеле да се поминат едвај 35 километри.

Меѓу неговите пријатели биле и Мортен Харкет и Магс Фурухолмен од славната норвешка група „а-ха“. Рествик и Харкет заедно работеле и на други еколошки проекти. Тие започнале кампања на граѓанска непослушност, возејќи ја својата „панда“ околу Осло без да платат патарина.

Харалд Нилс Рествик (во средина) и тројца негови пријатели го увезле првиот електричен автомобил во земјата

Тоа беше автомобил што не загадува, па не би требало да плаќа“, вели Рествик.

Имале список на барања за да се поттикне користењето електрични автомобили: бесплатни патарини и паркинг, укинување на данокот на увоз или ДДВ, јавни станици за полнење и пристап до автобуски ленти.

Собирале казни, но одбивале да ги платат. Еднаш колата им ја собрала пајак служба, била дадена на јавна аукција, каде што ја купиле нивни поддржувачи.

Беше евтина зашто никој не ја сакаше. Ни ја вратија и почнавме сѐ одново. Мислам дека се повтори 14 пати“, се присети сега 74-годишниот Рествик.

Тој беше исмеван, но присуството на Харкет им донесе публицитет.

Под притисок на екологистите, владата почна да ги укинува даноците во 1990-тите со цел електричните автомобили да се направат подостапни, но тие и натаму беа ретки на пазарот. Со појавата на модели како „нисан лиф“ и „тесла“, Норвежаните почнаа почесто да купуваат електрични автомобили зашто колите се оданочуваа според тоа колку загадуваат. Целта новите автомобили да бидат со нула штетни емисии до 2025 беше поддржана од сите политички партии.

Норвешката инфраструктура беше добро подготвена да ги исполни барањата за полнење електрични автомобили, но земјата и инвестира многу во изградба на нова мрежа.

Подготвени сме за целосна електрификација“, заклучи Рествик.

Норвешка веќе има и електричен патнички траект и полнач за брод на пристаништето во Ставангер.