ПЕТ ВКУСНИ И ЗДРАВИ УЖИНИ КОИ МОЖЕТЕ ДА ГИ ЈАДЕТЕ БЕЗ ДА ЧУВСТВУВАТЕ ВИНА

Лондон, (Ридерс дајџест)

Малите оброци преку ден, меѓу главните јадења, имаат важна улога во здравиот живот, иако често пати луѓето го занемаруваат овој факт и кога огладнуваат меѓу оброците, се случува да конзумираат повеќе калории отколку што му е потребно на организмот.

Трикот за создавање навика на здрави, но и вкусни ужини е во изборот на јадења полни со протеини и растителни влакна. Еве некои од топ-јадењата препорачани од врвните нутриционисти и блогери.

Стапчиња печен сладок компир

Овој оброк е полн со витамин А, замена за „лошите“ јагленхидрати со побогати и поздрави.

Подгответе го овој лесен рецепт на следниот начин: загрејте ја рерната на 200 степени, исечете четири слатки компири во стапчиња дебели еден сантиметар, наредете ги на тепсија на тој начин што внатрешниот дел на компирот да биде свртен кон дното, а потоа намачкајте ги со комбинација од две лажици маслиново масло, една и пол мала лажица чили и една кафена лажица сол. Печете околу 20-25 мин, а кон средина на печењето, свртете ги стапчињата на другата страна. На крај додадете уште малку сол за посилен вкус.

Пуканки со специјален додаток

Пуканките се една од најомилените ужинки, а, истовремено, изненадувачки извор на растителни влакна и антиоксиданси. Тоа е само една од причините зошто пуканките треба да ви бидат додаток во дневната исхрана. Меѓу најсаканите дресинзи за пуканки се лук, пармезан и шеќер/сол.

Здрав начос

Начос е, исто така, супер опција за мал, но богат меѓуоброк во денот. Додајте малку кашкавал, ставете го на неколку секунди во микробранова за да се стопи и освежете ја чинијата со свежо гвакамоле и парчиња млад кромид.

Печено јаболко со цимет

Излупете едно јаболкo и исечете го на четвртини. Ставете ги парчињата во мал сад и додадете една кафена лажица кафеав шеќер, малку цимет и мелени ореви. Покријте го садот со мала чинија и печете во микробранова 3-4 минути на повисока температура. Потоа можете да додадете и суво грозје или путер од кикирики. Јаболкото има помалку од 90 калории и три грама растителни влакна. Сувото грозје придонесува за поголемо количество на железо, витамин Ц и влакна.

Чија пудинг

Семето од чија е одличен извор на омега 3 и растителни влакна. Ставете во сад две и пол чаши бадемово или кокосово млеко, пола чаша чија семе, една лажица екстракт од ванила и една кафена лажица мелен цимет. Покријте го садот и чувајте го во фрижидер најмалку четири часа или преку ноќ. Одвреме-навреме можете да го измешате семето, за да биде подеднакво распоредено низ течноста, која постепено добива густина на пудинг.