Португалија планира да ја создаде најдолгата кружна пешачка патека на светот, која би била долга 3.000 километри. Целта е да се охрабрат туристите да видат нешто повеќе од традиционалните туристички дестинации како Лисабон и Алгарве, при што ќе поминува низ 100 помалку познати убави локации низ целата земја.
Проектот сè уште се развива, а првата секција ќе биде отворена во јули северно од Лисабон. Следната делница е планирана за крајбрежниот регион Алентежо на југот на земјата, а до крајот на годината треба да бидат отворени вкупно 15. Целата патека треба да биде комплетирана за три години.
Креаторите на патеката се надеваат дека таа ќе го распредели туризмот во Португалија на помалку познати места. Во неа ќе бидат вложени 3,5 милиони евра.
Најдолгата пешачка патека на светот изнесува 24.000 километри и се наоѓа во Канада, но оваа во Португалија ќе биде најдолгата кружна патека.