СКАНДИНАВСКИОТ ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ ВАЖИ ЗА НАЈДОБАР ВО СВЕТОТ – ШТО УЧАТ ТАМОШНИТЕ ДЕЦА ВО ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ?

Белград, (Н1)

Започна новата учебна година и за многумина деца тоа значи почеток на ново поглавје во животот. Скандинавскиот образовен систем важи за најдобар на светот. Еве што тамошните деца учат во прво одделение.

ШВЕДСКА

Задолжителното основно образование во Шведска е засновано на 16 предмети: шведски јазик, математика, физичко воспитување, англиски јазик, рачни изработки, музичко, визуелна уметност, технологија, физика, хемија, биологија, историја, општествени науки, религија, географија и домаќинство. Сите предмети се учат од прво одделение, но оценките се добиваат од шесто.

Пред тоа, големо внимание се посветува на автокорекцијата, па децата преземаат дел од одговорноста за она што треба да го научат.

Задолжителното образование почнува на седум години и сите деца се на исто ниво на почетокот, кога првпат учат да читаат, пишуваат, собираат… Целата неопходна опрема, од молив до ајпед, го обезбедуваат училиштата, а излегувањето надвор во текот на денот е задолжително и по студено време.

НОРВЕШКА

Првоодделенците најмногу време поминуваат во играњето на образовни игри и во учењето на општествени структури, азбука, основно собирање и одземање и основни вештини на англискиот јазик. Во првите седум одделенија нема оценки, а тестовите задолжително се носат дома за да се покажат на родителите.

Школите во Норвешка посветуваат посебно внимание на исхраната на децата, па се забранети грицки и колачи, а ручекот се носи од дома. Часовите траат меѓу 25 и 30 минути, а за разлика од Шведска, норвешките училишта ги обезбедуваат само книгите.

ДАНСКА

Задолжителното школување почнува на шестгодишна возраст. Место рангирање и формални тестови, децата учат во групи и се поттикнува креативниот начин на работа.

Од прво одделение се учат дански, англиски, музичко, физичко, визуелна уметност, математика, природа и технологија и сите деца мора да вежбаат околу 45 минути на ден. Првоодделенците дневно поминуваат околу пет часа во училиште.

Почетокот на образованието има за цел да развие ентузијазам кај децата и да им помогне да стекнат доверба во сопствените можности.