СЛОНОВИТЕ ОД ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО ВАРШАВА ЌЕ ГО НАМАЛУВААТ СТРЕСОТ СО МАРИХУАНА

Варшава, (Гардијан)

Зоолошката градина во Варшава ќе почне да им дава медицинска марихуана на своите слонови во рамките на пилот-проектот со кој ќе се испитува како таа го намалува нивото на нивниот стрес.

„Медицинската марихуана се користи низ светот за третман на кучиња и коњи, но ова е веројатно прва ваква иницијатива за слоновите“, вели Агњешка Чујковска, ветеринарка која раководи со проектот.

Трите африкански слона низ сурлите ќе примаат течна доза на висока концентрација на релаксирачкиот канабиноид ЦБД. Чујковска вели дека ЦБД не предизвикува параноја, ниту има штетни ефекти по црниот дроб и бубрезите.

„Ова е обид да пронајдеме нова природна алтернатива за постоечките методи на борба против стресот, особено индустриските лекови“, појасни таа, додавајќи дека ќе бидат потребни барем две години пред да се дојде до заклучоци.

Ако терапијата се покаже успешна, таа ќе може да се примени и на други животни.