ТАЈНАТА НА ОЛИМПИСКИОТ УСПЕХ НА НОРВЕШКА – ОД МАЛИ НОЗЕ НА СКИИ, НЕМА ЕГО И НЕ ВЛОЖУВААТ ВО СКАПИ СПОРТОВИ

Пекинг, (Гардијан)

Зимските олимписки игри во Пекинг се ближат кон крајот, а Норвешка повторно ја предводи листата на освојувачи на медали. Скандинавската држава со 5,3 милиони жители не беше меѓу првите три места на оваа листа само еднаш од 1992, при што беше лидер на ЗОИ во 2002 и 2018. Како успева да ги надмине своите далеку поголеми ривали?

Климата не е едноставниот одговор. Шведска, Австрија и Швајцарија, на пример, ги имаат истите услови и многу повеќе жители. Големината, буџетот и геополитиката им овозможуваат на САД, Русија и Кина секогаш да имаат многубројни олимписки тимови.

Норвешките спортисти често се шегуваат дека се нација родена на скии. Скијачкото трчање и биатлонот се многу популарни спортови и често се пренесуваат на телевизија, а во земјата има повеќе од 10.000 клубови. Во 2018, 93% од норвешките деца редовно учествувале во зимските спортови, при што на рана возраст фокусот е на забавата.

Норвежаните ја слават победата на машката штафетна трка во биатлон (Фото: Гети)

„Ние не сме голем народ, но сме народ со страст“, изјави Монс Рејсланд откако освои сребро во сноубординг.

Успехот на Норвешка не е распореден на сите зимски олимписки спортови. Таа има освоено најмногу медали во скијачко трчање, скијачки скокови и нордиска комбинација во историјата на ЗОИ, но никогаш не освоила медал во боб, санкање и скелетон. Последното злато во уметничко лизгање датира од 1928 година.

„Ние не се занимаваме со боб и скелетон зашто тие спортови се скапи. Ние сме многу богата држава, но работите ги правиме на социјалистички начин. Успехот треба да дојде од напорната работа и заедништвото. Важен фактор на успехот е и немањето его“, вели бившиот норвешки олимпиец Мортен Осен.

Досега во Пекинг, Норвешка има освоено 31 медал, од кои 14 златни, но е далеку од рекордот од 39 медали од Пјонгчанг пред четири години.

„Ние сме земја со добри гени и работиме напорно“, вели Бирк Руд, кој настапи во слободно скијање.