ТАТКОВЦИТЕ ВО ФИНСКА ЗЕМААТ СÈ ПОДОЛГИ РОДИТЕЛСКИ ОТСУСТВА ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА РЕФОРМИТЕ

Хелсинки, (АФП)

Родителското отсуство на татковците во Финска речиси двојно се зголемило по воведувањето на реформите во системот во 2022 година, објави тамошната агенција за социјални бенефиции КЕЛА.

Промената за првпат им овозможи на двајцата родители да имаат еднакво отсуство: по 160 платени дена, што можат да се искористат пред детето да наполни две години. Шеесет и три дена можат да се префрлат на другиот родител. Мерката имаше за цел да обезбеди поголема флексибилност за семејствата и да го подобри квалитетот на животот.

Сега, се повеќе и повеќе татковци се грижат за своите деца дома на подолг период“, кажаа од КЕЛА.

Татковците на децата родени по почнувањето на реформите земале во просек 78 дена родителско отсуство, додека просекот во 2021 година бил 44 дена. Пред реформите, татковците имале право на 54 дена родителско отсуство.

Новите правила ги нагласуваат вредностите во општеството со цел да се изедначат деновите на родителско отсуство за двајцата родители и, според статистиката, се движиме кон оваа цел“, изјави Јохана Ахолаинен од КЕЛА.

(Фото: Алами)