ПЛОГИНГ – СОБИРАЈТЕ ЃУБРЕ ДОДЕКА ЏОГИРАТЕ

Стокхолм, (Индипендент)

Нов тренд на вежбање што потекнува од Шведска ќе ве држи во форма, додека, истовремено, се грижите за животната средина.

Плогинг е термин искомбиниран од џогирање и од шведскиот збор за собери (plocka upp) и концептот е едноставен: трчате и го собирате ѓубрето попат.

За да биде плогингот уште поефикасен, кога се наведнувате да соберете ѓубре, тоа може да се зачини со дополнителни вежби. Од ваквиот начин на вежбање полза имаат и вашето тело и околината.

Според фитнес-апликацијата „Лајфсам“, која ги мери изгорените калории, плогингот е значително поефективен од класичното џогирање.

Бидејќи плогингот бара свиткување и одредена сила за да се носи ѓубрето, со половина час вакво вежбање просечно се согоруваат 288 калории, во споредба со 235 калории при класичното џогирање.

Шведскиот експеримент веќе се прошири во Канада. Мелани Најт вели дека го открила плогингот преку социјалните мрежи.

„Ова се чини како совршена комбинација, бидејќи можеме да направиме мала промена додека правиме нешто секојдневно. За тоа не требаат повеќе од десет минути дневно“, вели 33-годишната Најт.