ГОТВАЧ НА ПОВИК ДОАЃА ДОМА – ПАРИЖАНИТЕ НАЈДОА РЕШЕНИЕ ДА УЖИВААТ ВО ВРВНА КУЈНА

Париз, (Ројтерс)

Парижаните најдоа решение да уживаат во врвни гастрономски специјалитети и покрај затворените ресторани поради ковид пандемијата. Приватни готвачи им доаѓаат дома и им подготвуваат јадења.

Фатиха Ел-Кадауи е школувана готвачка која прима нарачки од граѓани, носи нејзини состојки во нивните домови и ја користи нивната кујнска опрема за да подготвува луксузни специјалитети. Вели дека и пред пандемијата имала многу работа, а сега добива по 30 резервации месечно.

„Има голема побарувачка, затоа што луѓето претходно одеа во ресторани двапати, трипати неделно, па и почесто“, вели таа.

Минатиот петок готвела за 35-годишната Валери Лакроа и нејзината мајка.

„Сакаме да излегуваме, да се видиме со пријатели и роднини, но не можеме. Вака си го рекреираме тој скапоцен момент во домашни услови“, вели Лакроа.

Голем дел ресторани нудат достава на специјалитети, а некои организираат онлајн часови по готвење.

Кадауи додава дека ги почитува мерките и не готви за повеќе од шест лица во еден простор и останува до полицискиот час од 19 часот. Ручек за двајца чини 170 евра.