„Жито пром“ од Гевгелија стана носител на интернационалниот сертификат ИФС (International Featured Standard), со кој се гарантираат врвен квалитет и безбедност на храната.
Овој сертификат е воведен во 2002 година од германската, француската и италијанската трговска асоцијација и е еден од главните инструменти кој овозможува извоз во земјите-членки на ЕУ.
Новиот погон на компанијата и сертификатот се поврзани со производството и извозот на кроасаните „4U“, кои сега се продаваат во Холандија, Германија, Полска, Израел, Шведска, Италија, Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, БиХ, Бугарија и Романија. Со добивањето на IFS, дистрибуцијата ќе може да се прошири во многу други држави.
„IFS е наменет за новиот погон во ‘Жито пром‘ во кој се произведуваат кроасаните ‘4U‘. Целиот систем е насочен кон заштита на купувачите и овозможување квалитетен и безбеден производ. Со оглед на тоа дека извезуваме во голем број земји, грижата за купувачите е примарен фокус на нашата компанија“, вели Татјана Танева-Новаковска од „Жито пром“.
Оттаму велат дека работат на обезбедување на уште еден сертификат, Kosher стандардот, кој е особено значаен за да го зголемат извозот.