НА ХИМАЛАИТЕ СЕ ПРАВИ НАЈТВРДОТО СИРЕЊЕ НА СВЕТОТ КОЕ МОЖЕ ДА СЕ ЈАДЕ И ПО 20 ГОДИНИ

Катманду, (Би-Би-Си)

Чурпи е сирење со чаден вкус, кое е богато со протеини и има тврда конзистентност, а традиционално го прават сточари од висорамнините на источните Хималаи. Тоа се прави од млеко од чаури, животно кое е мешавина од јак и крава и е омилена ужина во источна Индија и во голем дел од Непал и Бутан. Луѓето често џвакаат мали коцки од сирењето како гума за џвакање, кое е тврдо како камен и полека омекнува од плунката.

Живеењето на „покривот на светот“ нуди ограничени можности за трговија и малку обработливо земјиште, па сточарството е столбот на многу хималајски заедници со векови. Антрополозите од Универзитетот Трибуван во Катманду велат дека млечните производи се нераскинлив дел од хималајските култура и егзистенција низ историјата.

Чурпи се прави од млеко од чаури, мешавина од јак и крава (Фото: Би-Би-Си)

„Чурпи бил развиен пред илјадници години поради потребата да се направи нешто корисно од вишокот млеко што веќе не можело да се конзумира или продава“, вели антропологот Мукта Синг Лама Таманг.

Една од уникатните особини на чурпи е што има многу ниска влажност. Поради тоа тешко се гризнува, но тоа исто така помага сирењето да се јаде со месеци, па дури и години кога е ферментирано од шест до 12 месеци, сушено и чувано правилно во животински кожи.

„Ние сме благодарни за чурпи и што можеме да го правиме, зашто сме неписмени и ова е единственот начин како можеме да се одржуваме и да преживееме. Не само што ја продолжуваме нашата древна култура, туку ни помага економски“, вели еден локален сточар.

Сирењето е органско и се произведува од најфиното млеко. Се смета за многу здрав и хранлив продукт поради многу ниската содржина на маснотии и високата протеинска вредност. Правилно направениот чурпи може да се јаде без да мувлоса и до 20 години. Локалните жители велат дека најдобар вкус има во првите пет-шест месеци.