Проектот на Македонскиот народен театар (МНТ) „Патиштата на хероите“ доби 395.000 евра од Европската Унија.

Проектот кој се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени е поддржан со 395.183 евра од програмата „Креативна Европа“. Од МНТ велат дека ова е првпат театар од земјава да добие средства од оваа програма.

Станува збор за сложен проект со времетраење од две и пол години, чиј почеток се очекува во февруари следната година. Покрај МНТ, во проектот се вклучени уште шест организации: една од Македонија (издавачка куќа „Гаврош“) и пет од другите партнерски земји Италија, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија.

Финален производ на проектот во 2022 година ќе биде премиерата на копродукцијата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ. Премиерата на претставата ќе биде во МНТ, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и регионот.