РИМ ГО ДОБИ ПРВИОТ АВТОМАТ ЗА ПИЦА КОЈ ЈА ПРИГОТВУВА ЗА ТРИ МИНУТИ

Рим, (Си-Ен-Ен)

Рафаеле Еспозито, неаполитанец од 19. век на кој му се припишува дека прв ја направил најпознатата италијанска пица, веројатно се превртува во гроб: во Рим е поставен автомат кој за само три минути приготвува свежа пица.

Отворена 24 часа, купувачите од машината „Мистер Гоу пица“ можат да избираат меѓу четири различни типа на пица по цена од 4,50 до шест евра. Машината го меси тестото и ги додава состојките, а купувачите преку мал прозорец можат да гледаат како пицата се пече. Коментарите се движат од „прифатливо ако брзате“ до „ужас“.

Во ред е, ама ова не е пица“, прокоментира Фабриција Пуљезе од Неапол, која студира во Рим.

Луѓето јадат рецепти налик на пица веќе 2.000 години, но општо уверување е дека таа била усовршена во Неапол, каде што прво се продавала како улична храна за сиромашни. Класичната „пица маргарита“ ја креирал Еспозито на 11 јуни 1889, во чест на сопругата на кралот Умберто Први при неговата посета на Неапол.