Цезар салатата наполни 100 години. Рецептот за оваа популарна салата му се припишува на италијанскиот имигрант Цезар Кардини, кој ја измислил на 4 јули 1924 во неговиот ресторан „Палатата на Цезар“ во Тихуана, Мексико.
Додека се соочувал со напливот на Американци кои ја преминувале границата во времето на прохибицијата, тој една вечер измешал цели листови зелена салата со состојките кои ги имал при рака, како масло со вкус на лук, ворчестер сос, лимони, јајца и пармезан и така се родила ѕвездата.
Тихуана овој месец ќе ја одбележи стогодишнината со тридневен фестивал на храна и вино и со отворањето на статуа на Кардини. Ресторанот што тој го отворил неколку години пред да ја осмисли славната салата и денес приготвува околу 300 Цезар салати на ден.
Речиси 35% од рестораните во САД ја имаат оваа салата во своето мени. Иако таа денес може да се најде во разни варијации, ќерката на Кардини, Роза, своевремено изјави дека тој секогаш бил многу прецизен во приготвувањето на неговата креација.
По укинувањето на прохибицијата, Кардини во 1935 се преселил во Лос Анџелес, каде што основал нова компанија.