„ТОБЛЕРОНЕ“ МОРА ДА ГО ТРГНЕ ВРВОТ МАТЕРХОРН ОД СВОЕТО ПАКУВАЊЕ

Берн, (Би-Би-Си)

„Тоблероне“ ќе ја отстрани силуетата на планинскиот врв Матерхорн од своето пакување зашто производството на ова чоколадо делумно ќе се пресели од Швајцарија во Словачка. Американската компанија „Монделез“ кажа дека препознатливата слика ќе биде заменета со некој погенерички врв.

Според строгите швајцарски правила усвоени во 2017, националните симболи не смеат да се користат за промовирање производи на база на млеко кои не се ексклузивно произведени во Швајцарија. За други сурови прехранбени производи, прагот е поставен на 80%.

„‘Монделез‘ ќе пресели дел од производството надвор од земјата за да одговори на зголемената побарувачка по ‘тоблероне‘ низ светот и да го зголеми брендот“, соопшти компанијата.

Чоколадото со пирамидален облик, кој асоцира на швајцарските Алпи, се прави од швајцарско млеко, мед и смеса од бадеми. Почнало да се продава во 1908 година во Берн, а силуетата на Матерхорн била додадена во 1970.