ВАФЛИТЕ ПОТЕКНУВААТ ОД СТАРИОТ РИМ, ИАКО СЕ НАЈПОЗНАТИ ВО БЕЛГИЈА, ДЕНЕС ИМААТ И СВОЈ ДЕН ВО САД

САД, (Си-Ен-Ен)

Се смета дека вафлите се еден од најстарите десерти во Европа. Често прелиени со мед, шлаг, сируп или џем, тие се идеални за појадок или ужина и се многу популарни во северозападна Европа, САД и Азија.

Во Белгија, каде што се познати како гауфри, има разни варијации на вафли. Според експертите, современите вафли потекнуваат од крустули, деликатес што го сакале старите Римјани.

„Многу веројатно е дека вафлите потекнуваат од крустули, слатки бисквити што ги обожавале старите Римјани. Терминот на латински кажува дека овие бисквити биле крцкави, со ронлива кора што се топела во устата“, вели Џорџо Франчети, автор на книгата „Вечерајќи со античките Римјани“.

Според неговото истражување, веројатно крустула била еволуција на панис обелиус, специјален леб со маслинки или свежи смокви правен од античките Грци.

Франчети верува дека техниката на готвење на бисквитите најверојатно била усовршена во средниот век, кога се појавиле првите форми што ги доближувале до модерните вафли.

„Римјаните, покрај нивната култура, ја ширеле и храната низ империјата и така вафлите завршиле во денешни Франција, Бенелукс и Англија“, вели Франчети.

Вафлите дошле во САД во почетокот на 17. век со првите холандски доселеници. Во САД, 24 август се слави како Национален ден на вафлите. Тоа е денот кога холандско-американскиот иноватор Корнелиус Свартвоут добил патент за првата пегла за вафли.

.