Роже Федерер викендов стана само втор тенисер во историјата со освоени 100 АТП-титули, откако славеше на турнирот во Дубаи. Пред него останува само рекордерот Џими Конорс, кој во периодот од 1972 до 1989 година освоил 109 титули.
На 37-годишниот Швајцарец му требаа 19 години за да стигне до магичната граница, при што победувал на сите тениски подлоги во 30 градови во 19 земји.
Федерер ја прослави првата титула на 4 февруари 2001, кога како 19-годишник го совлада Жилиен Бутер во финалето во Милано.
„Си поставив висока, но не и невозможна цел да влезам меѓу најдобрите 15-мина тенисери“, кажа тогаш Федерер.
Во меѓувреме, тој освои уште 99 титули на 30 турнири, играни на четири континенти (50 во Европа, 24 во Северна Америка, 18 во Азија и осум во Австралија). Неговите најуспешни турнири се Базел и Хале, кадешто триумфирал по девет пати, а рекордер е и во бројот на освоени гренд слемови – 20. Има и 27 Мастерс титули, а шест пати го освојуваше Светското тениско финале, завршниот турнир на сезоната. Најдобрата година му беше 2006, кога освои 12 титули.
За 100-те титули, на Федерер му требаа:
- 152 одиграни финалиња
- 548 мечеви
- 83.302 одиграни поени
- 46.508 освоени поени
- 4.378 асови
- 52.152 минути поминати на терен (869 часови, односно 36 дена)
- 50 различни играчи победил во финалето, а најчесто тоа бил Рафаел Надал (10 пати).