12-ГОДИШНА СИРИЈКА Е НАЈМЛАДАТА УЧЕСНИЧКА НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО

Токио, (АФП)

Сиријката Хенд Заза имала само пет години кога првпат земала пингпонгарски рекет во рака и седум години подоцна, таа е најмладиот учесник на Олимписките игри во Токио, кои се отвораат денеска.

Заза преку ноќ се прослави во својата земја, откако во финалето на западноазиските олимписки квалификации во Јордан ја совлада 30 години повозрасната Либанка Маријана Сахакјан. Сирија досега немала олимпиец во овој спорт, во кој не постојат возрасни ограничувања.

„Ова е подарок за мојата земја, моите родители и за сите мои пријатели“, изјави Заза, која е родена на 1 јануари 2009.

Пингпонгот бил бегство од реалноста за Заза, која растела среде крвавата граѓанска војна во Сирија и честопати морала да ги одложува тренинзите поради немање струја.

„Спортот ми е во крвта. Семејството ми даваше огромна поддршка од моите почетоци и ми помогна да напредувам“, изјави Заза.

Иако има големи сништа, таа не го запоставила учењето.

„Сонувам да станам светски и олимписки шампион, но исто така сакам да студирам фармација“.

Меѓу најмладите учесници на ОИ се и две скејтбордерки: Јапонката Хираки Кокона има 12, а Британката Скај Браун неодамна наполни 13 години.