ЛУКАС ПОДОЛСКИ ГО ИСПОЛНИ ВЕТУВАЊЕТО КОН БАБА МУ И ЌЕ ЗАИГРА ЗА КЛУБ ОД ДЕТСТВОТО

Варшава, (Би-Би-Си)

Седум години откако стана светски шампион со Германија, Лукас Подолски викендов конечно ќе си го оствари сонот да заигра за омилениот клуб од детството. И тоа не е Реал Мадрид, Барселона или Манчестер јунајтед, туку Горњик Забже.

Триесет и шестгодишниот Подолски е роден во полскиот град Гливице и иако на две години со родителите се преселил во Германија, тој пораснал навивајќи за Горњик, вториот најуспешен фудбалски клуб во Полска,

Бившиот напаѓач на Келн, Баерн и Арсенал одигра импресивни 130 натпревари и постигна 48 голови за Германија, но никогаш не ги заборавил своите полски корени. Неговата сопруга Моника е Полјачка, тие зборуваат полски со своите деца, а неговите врски со регионот Шлеска се особено силни поради честите посети на баба му Зофија, уште еден голем фан на Горњик.

„Во Полска, ние го сакаме Полди, за разлика од Мирослав Клозе. Двајцата се Полјаци, но Клозе никогаш не сакал да зборува со полските медиуми и не зборува полски“, вели новинарот Марек Вавжиновски.

Во 2012, непосредно пред да премине во Арсенал од Келн, Подолски изјави дека редовно ги следи мечевите на Горњик и дека ѝ ветил на баба му дека ќе заигра за него на крајот на кариерата. Тоа конечно се случи ова лето, кога тој одби неколку богати понуди за да потпише со Горњик. Неговата баба не го доживеа овој момент, откако почина пред две години.

„Тој можеше да заработи шест-седум пати повеќе на некое друго место, но парите не му се важни. Тој сакаше да им се врати на своите корени“, додаде Вавжиновски.