Дваесет и тригодишниот Драги Иванов, дипломиран студент на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, веќе една година работи како главен инженер во продукциската куќа „КИДинаКОРНЕР“ во Лос Анџелес, на музичкиот продуцент и текстописец Алекс да Кид. Британскиот продуцент работел со ѕвезди како Еминем, Ники Минаж, Доктор Дре, Пи Диди, „Имеџин дрегонс“ и Шерил Кол.
Иванов е роден во Гевгелија, се школувал во Скопје, а гитара свири од 12 години. Со бендот „Ден рајс“ настапувал со авторска музика.
Во 2013 година аплицирал за Беркли, а за аудицијата од 15 минути подготвил аранжман од „Хромазон“ на Мајк Стерн и од македонското Касапско оро.
„Мојата цел беше сѐ да биде отсвирено, снимено и продуцирано од мене. Со мала помош од Валентино Скендеровски, кадешто учев основи на музичка продукција, успеав да го направам тоа. Аудицијата беше во март 2013, а во септември добив писмо дека сум примен на Беркли“, вели Иванов за СМАРТ СДК.МК.
Бил одлучен да студира музичка продукција и инженерство, но како поминале првите семестри, се заинтересирал и за дизајн на електронска продукција и звук и за четири години, иако студиите траат пет, ги завршил двете насоки меѓу најдобрите студенти, а добил и две награди.
„Студиите беа напорни, но не дека материјалот беше премногу тежок, туку тешко беше да се балансира сето тоа со секојдневниот живот. Минимум 12 часа бев зафатен со музика, а во нова земја, со нови луѓе, покрај студиите, требаше да вложам исто толку напор во тоа да создадам нов живот. Најтешко беше да останам фокусиран на причината зошто го правам ова. Но, стекнав драгоцено искуство, пораснав во човек кој го работи тоа што го сака и си ја знае целта, се цени самиот себе и е сигурен дека тоа што го прави е правилно и добро. Научив дека секогаш треба да се гледа на поголемата слика“, вели Драги.
Уште на самиот почеток на студиите бил решен да живее во Лос Анџелес и после неколку контакти и понуди за работа, го примиле како асистент-инженер во продуцентската куќа „КИДинаКОРНЕР“.
На почетокот бил еден од тројцата инженери кои работеле во продукцијата. Почнал со студио-сесии со еден од артистите, Си Ес Армстронг, па ексклузивно станал негов инженер, при што не само што ги снимал неговите песни, туку и свирел гитара на нив. По шест месеци станал главен инженер во „КИДинаКОРНЕР“.
„Оттогаш, Алекс секогаш бара јас да сум во сите главни сесии. Довербата што ја има во мене ми даде шанса да работам со доста познати артисти во многу краток период. Досега сум бил во студио со Алое Блек, АСАП Ферг, Бели, Гаши, Алан Рајман и Шарлот Деј Вилсон. Главно се сведува на тоа да сум одговорен дека сета работа ќе се заврши во најдобар ред. После снимањето, следи заштита, правење бекап и достава на снимките до Алек да Кид, што е дефинитивно најнегламурозниот дел од целата работа“, вели тој низ смеа.
Две од поважните песни што ги продуцирал во последно време се „$3.99“ на Терел Хајнс и „Хенгап блуз“ на Вејк Чајлд, што досега има преку 60.000 преслушувања на Спотифај.
Во меѓувреме, работи и на свои проекти. Во последните три месеци објавил два мини-албуми.
Иванов вели дека целта му е да се издвои од „КИДинаКОРНЕР“ и да стане самостоен продуцент/уметник, кој создава музика секојдневно и работи на голем број проекти, не само негови.
„Секој има способност да оствари сѐ што што ќе замисли. Прво е мислата, а потоа акцијата. Отсекогаш знаев дека сакам да создавам музика. Не помислував дека ќе живеам во градот од кадешто потекнува мојот омилен бенд, ‘Ред хот чили пеперс’, ниту дека ќе работам со најдобрите музичари на светот. Знаев само дека сакам ова да го работам и таа верба во себе ме донесе до Беркли и до Лос Анџелес“.
Б. НЕСТОРОСКА