Деветнаесетгодишната поп ѕвезда Били Ајлиш откри дека во август го прележала ковид-19 и вели сигурно ќе умрела ако не била вакцинирана.
„Вакцината е одлична. Благодарение на неа, ниту брат ми, ниту моите родители, ниту моите пријатели не се заразија“, изјави таа во радиоинтервјуто со Хауард Стерн.
Ајлиш кажа дека речиси два месеца не се чувствувала добро поради коронавирусот и дека сѐ уште повремено има постковид компликации.
„Сакам да е јасно дека денес сум добро благодарение на вакцината. Мислам дека да не бев вакцинирана, ќе умрев, затоа што ми беше навистина лошо“, изјави авторката на насловната тема за последниот Џејмс Бонд филм, „Не е време за умирање“.
За претстојните Греми награди, Ајлиш е номинирана во седум категории, меѓу кои и за албум на годината.