Икони со ангелот од Курбиново им подари министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска на битолските актери Петар Горко и Никола Пројчевски по премиерата претставата „Вујко Вања“ на Народниот театар од Битола со која одбележаа 35 и 20 години плодна актерска дејност.
Таа подарокот им го врачи на театарската сцена за време на аплаузот од публиката по завршувањето на претставата. Салата беше полна до последно седеиште, а присутните со силно ракоплескање и со извици „браво“ ја наградија театарската екипа.
Актерите, драмата на Чехов, во режија на Софија Ристевска-Петрушева, ја изведоа емотивно, со голема актерска жар и професионализам. Пораката беше дека животот не смее да се потртоши залудно, во трка по заработка, лажни вредности и илузии, со запоставување на сопствената личност. Чехов ја напишал драмата во 1897 година.
Првенецот на Народниот театар од Битола Петар Горко како Вујко Вања, а и актерите Никола Пројчевски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска- Дранговска, Алексанадр Димитровски, Марија Стефановска и Валентин Дамчевски брилираа на сцената со нивната емотивна актерска игра внесувајќи се целосно во животите на ликовите кои ги играа.
Интересна беше и сценографијата на Валентин Светозарев во која металната конструкција која требаше да биде покрив од домот на крај се спушта над актерите како да е кафез.
Ж.ЗДРАВКОВСКА