АКТЕРОТ КРИС ЕВАНС СЕ ОЖЕНИ СО ПОРТУГАЛСКАТА КОЛЕШКА АЛБА БАПТИСТА

Лос Анџелес, (Пипл)

Ѕвездата на „Капетан Америка“, Крис Еванс, се ожени со актерката Алба Баптиста на приватна церемонија во нивниот дом во Масачусетс, објавија американските медиуми. Извор близок на двојката откри дека венчавката била од строго затворен тип, при што гостите морале да потпишат договор за доверливост, а телефоните им биле одземени.

Меѓу гостите биле и колегите на Еванс од филмовите на „Марвел“, Роберт Дауни Џуниор, Крис Хемсворт и Џереми Ренер.

Шпекулациите дека Еванс (42) и Португалката Баптиста (26) се во врска веќе една година се појавија во ноември. Еванс во тоа време изјави дека би сакал да создаде семејство.