АМЕРИКАНСКИОТ МИЛИЈАРДЕР ТОД БОЛИ СТАНА НОВИОТ СОПСТВЕНИК НА ЧЕЛЗИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Комплетирана е 4,25 милијарди фунти вредната продажба на Челзи на конзорциум предводен од американскиот инвеститор Тод Боли и неговата фирма „Клирлејк капитал“.

Роман Абрамович го стави Челзи на продажба во март, непосредно пред да се најде на удар на европските санкции и клубот оттогаш работеше со посебна владина дозвола, која истекува денеска.

Почестени сме што станавме нови заштитници на Челзи. Ќе бидеме целосно посветени, 100%, секоја минута. Нашата визија е јасна: сакаме да ги направиме фановите горди. Нашата цел е да инвестираме во клубот на долги патеки“, соопшти Боли.

Четириесет и осумгодишниот Боли, чие богатство „Форбс“ го процени на 4,5 милијарди долари, е делумен сопственик и на бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс, женскиот кошаркарски клуб Лос Анџелес Спаркс и на НБА франшизата Лос Анџелес Лејкерс. Тој исто така инвестираше во правата на песните на Брус Спрингстин, фирми за обложување и во ланци на ресторани.

Боли се обиде да го купи Челзи и пред три години, кога понуди три милијарди долари, но беше одбиен од Абрамович.