АНА ВИНТУР СЕ РАЗВЕДЕ ПО 16 ГОДИНИ БРАК

Њујорк, (Дејли мејл)

Ана Винтур конечно стави крај на својот 16-годишен брак со Шелби Брајан. Седумдесетгодишната уредничка на „Вог“ и американскиот инвеститор не биле во добри односи уште од 2013 и ретко можеа да се видат заедно во јавност.

Моќната двојка ја почна врската во 1999 година, што тогаш предизвика големи бранувања меѓу њујоршката елита, бидејќи Брајан ја напушти сопругата за да биде со Винтур. Непосредно пред тоа, Винтур се разведе од психијатарот Дејвид Шафер, со кого има две деца.

Винтур, која го презеде „Вог“ во 1988, важи за една од најмоќните жени во светот на модата, чие богатство се проценува на 35 милиони долари, но се очекува од разводот да добие милиони и од својот сега веќе бивш сопруг. Меѓу другото, двојката делеше куќа од 11,4 милиони долари во трендовската населба Гринвич Вилиџ во Менхетн.