Балерините од Македонската опера и балет ги донираа своите шпиц патики за да се изработи новогодишна елка, која е поставена во фоајето.
Идејата за празничната елка ја дала балерината Наташа Јосифовска, по што Балетот се организирал и добил плус 30 пара шпиц патики и балетска пачка од светски познатата компанија за балетска опрема „Гришко“, која има фабрика во Демир Хисар.

Уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, ни рече дека елката е изработена од дрво од сценографот во МОБ, Сашо Стојановски, а потоа сите заедно ја украсувале.
„Ова ни е прва година и е супер идеја, а в година ќе се усовршиме“, се смее Панго.

Со вечерашната изведба на балетот „Клеопатра“, МОБ ја завршува оваа година, а следниот настан е на 12 јануари, кога е традиционалниот Василичарски концерт.
Б. НЕСТОРОСКА