БАРСЕЛОНА МУ ДОЗВОЛИ НА ЛУИС СУАРЕС ДА ПРЕМИНЕ ВО РИВАЛОТ АТЛЕТИКО МАДРИД

Барселона, (Би-Би-Си)

Луис Суарес сепак нема да му се придружи на Кристијано Роналдо во Јувентус и ќе ја продолжи кариерата во Атлетико Мадрид.

Барселона се согласи да го пушти искусниот уругвајски голгетер во еден од своите најголеми ривали во Шпанија за почетна сума од четири милиони евра. Суарес ќе заработува 15 милиони евра годишно, половина од она што го примаше на „Камп ноу“.

Со ова завршува шестгодишниот престој на Суарес во Барселона, за која постигна 198 голови на 283 натпревари. И покрај големото пријателство со Лео Меси, тој веќе не беше посакуван во клубот откако Роналд Куман стана тренер. Суарес првично требаше да премине во Јувентус, но тоа пропадна поради проблеми со пасошот.

Барселона со тоа ја растури една од најубиствените напаѓачки тројки во современиот фудбал, откако претходно си замина и Нејмар.