Баерн Минхен синоќа ѝ го приреди најголемото понижување на Барселона во поновата историја, откако ја прегази со 8:2 во четвртфиналето на Лигата на шампионите во Лисабон. Сепак, тоа не е најтешкиот пораз во историјата на клубот, но е најголем во последните 74 години. Барселона последен пат примила осум гола во 1946 година, кога загубила од Севилја со 0:8 во Кралскиот куп.
Од времето на Втората светска војна, Барселона има два пораза од 1:11: прво од Севилја во 1940 во првенството, а потоа и од Реал Мадрид во 1943 година во полуфиналето на Кралскиот куп.
Вчерашниот пораз значи дека Барселона ќе заврши сезона без освоен трофеј за првпат од 2007/08.
„Го допревме дното. Не сме на вистинскиот пат, но ова не е ништо ново. Веќе неколку години не сме конкурентни на европската сцена. Ова e неприфатливо за клуб како Барселона. На клубот му требаат промени и тоа на сите нивоа“, изјави бекот Жерард Пике, додавајќи дека ќе биде прв кој ќе замине ако клубот го посака тоа.