Њујорк никс, највредниот кошаркарски клуб на светот, е во потрага по нов тренер откако во петокот го отпушти Дејвид Фицдејл и американските медиуми најавуваат дека тоа би можела да биде и жена.

Беки Хемон веќе испиша историја кога во 2014 година се придружи на стручниот штаб на Грег Попович во Сан Антонио спарс, станувјќи прва жена на позицијата помошен тренер не само во НБА, туку во сите четири големи американски професионални спортови. Таа сега е подготвена да оди скалило повисоко откако пројавила интерес да биде тренер на Никс.

Четириесет и двегодишната Хемон помина успешни 16 сезони во женската верзија на НБА, а во 2008 донесе контроверзна одлука да земе руско државјанство и да настапува за репрезентацијата на Русија, со која освои олимписка бронза и европско злато.

По тешката повреда на коленото во 2013, Хемон почна да се обучува за тренер и наредната година стана дел од стручниот штаб на Сан Антонио и многумина во неа гледаат наследник на легендарниот Попович.

Да се води Никс е една од најтешките задачи во НБА, бидејќи овој тим секогаш има највисоки очекувања, но нема играно во плеј-офот од сезоната 2012/13.