МНТ ЈА НОСИ „ЖИВОТОТ Е ПРЕКРАСЕН“ НА МОРФОВ ВО НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Животот е прекрасен“ на Македонскиот народен театар (МНТ), во режија на Александар Морфов, вечерва ќе гостува во Народно позориште во Белград.

Премиерата беше во април 2016 и оттогаш, покрај изведбите на редовниот репертоар, таа патува и надвор од државата. Гостуваше во Хрватско народно казалиште во Загреб, на 41. Денови на сатира во организација и реализација на Сатиричниот театар Керемпух во Загреб, како и на театарскиот фестивал МИТЕМ во Унгарија.

„Ова не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Човек кој доаѓа до пеколот за да разбере дека животот, всушност, е нешто многу драгоцено“, вели режисерот.

Играат Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова и Анастазиа Христовска, како и оркестарот „Раскрши се“.

Сценографијата е на Никола Тороманов, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата ја работеше Инга Красовска.