Кога Германската фудбалска федерација била основана во 1904 година, една третина од 86-те постоечки клубови биле од Берлин. Градот секоја година е домаќин на финалето на Германскиот куп, па, сепак, ниту еден клуб од Берлин досега ја нема освоено Бундеслигата, ниту, пак, стигнал до финале на европските натпреварувања.

Минатиот месец, двата најголеми клуба од Берлин, Херта и Унион, за првпат играа еден против друг во Бундеслигата, но тоа дерби никогаш не важело за посебно тензично.

„Тоа не е вистинско ривалство. Вистинското ривалство е Динамо против Унион“, вели еден фан на Динамо.

Берлин е можеби единствениот главен град во Европа без големо фудбалско дерби. Херта редовно се натпреварува во Бундеслигата, но градот никогаш немал успешни екипи, иако ги има многу. Динамо денес игра во четвртата лига, Тенис Борусија Берлин е уште подолу, потоа има локални турски и балкански клубови, Полонија бил основан од Полјаци кои живееле во Германија, Евреите го имаат Макаби Берлин, а постои дури и Тасманија Берлин, наводно формиран од група фанови кои сакале да мигрираат на овој остров.

Сепак, ниту еден клуб не го претставува целиот град, туку различни димензии на берлинското општество.

„Херта би требала да биде фудбалска сила. Таа е најпознатиот клуб од најголемиот град во една од најбогатите европски држави, но Берлин е, сепак, провинциски град и никогаш нема да има само еден клуб што ќе го претставува“, вели спортскиот новинар од Берлин, Јакоб Светман.