БЕТМЕН Е ПРВИОТ СУПЕРХЕРОЈ КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ЅВЕЗДА НА БУЛЕВАРОТ НА СЛАВНИТЕ ВО ХОЛИВУД

Лос Анџелес, (Индипендент)

Бетмен е првиот суперхерој кој добива ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд, придружувајќи се на долгата листа измислени ликови на познатата улица. Легендарниот лик на „Ди-Си комикс“, кој првпат се појави во стрип во март 1939, ќе ја добие својата ѕвезда на 26 септември. Не е познато дали некој од актерите кои досега го играа ликот ќе биде таму.

„Обожавателите од целиот свет ќе бидат воодушевени кога ќе дознаат дека Бетмен ќе ја добие својата ѕвезда покрај оние на телевизискиот Бетмен, Адам Вест и кокреаторот на Бетмен, Боб Кејн“, изјави продуцентката на Холивудската патека на славните, Ана Мартинез.

Вкупно 11 актери го играле Бетмен досега, почнувајќи од Луис Вилсон во 1943, а следен беше Роберт Ловери во 1949. Дури во 1966 ликот се врати на големото платно со Адам Вест. Тој и Мајкл Китон се единствените актери кои го играле Бетмен кои имаат добиено ѕвезда на Булеварот на славните. Ликот го играа и Вал Килмер, Џорџ Клуни, Кристијан Бејл, Бен Афлек и Роберт Патинсон.