ЧЕТИРИ БРАКА МИ БЕА ДОВОЛНИ, НЕ СЕ МАЖАМ ПОВТОРНО, ВЕЛИ МЕЛАНИ ГРИФИТ

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

По четири разводи, од кои два од Дон Џонсон, Мелани Грифит нема планови повторно да се мажи.

Грифит, која пред една недела наполни 61 година, кажа во интервјуто за „Инстајл“ дека веќе не верува во институцијата брак.

„Мислам дека тоа веќе не е релевантно за никого. Особено ако имаш 60 години, четири деца и живот каков што отсекогаш си сакала. Зошто да се мажиш тогаш?“, вели американската актерка.

Грифит двапати беше во брак со Дон Џонсон, а од Антонио Бандерас се разведе пред три години

Таа двапати беше во брак со Дон Џонсон, како и со колегите-актери Стивен Бауер и Антонио Бандерас, од кого се разведе во 2015 година. Грифит додава дека тоа не значи дека се откажала од љубовта.

„Би сакала повторно да се вљубам и да имам романса и врска, но моментално немам. Имав неколкумина љубовници, но не и врска. Ќе продолжам да барам. Но, за тоа нема да користам социјални мрежи, како Тиндер“.

Нејзиниот прв брак со Џонсон траел само неколку месеци во 1976 година, а потоа беа заедно и од 1989 до 1996 година и ја имаат ќерката Дакота, денес исто така актерка.